ЛОКАЛНИОТ СОВЕТ ЗА ПРЕВЕНЦИЈА ЗАСЕДАВАШЕ ПО ВТОРПАТ
- април 8, 2025
- 0
Во просториите на Универзитетот Скопје, Локалниот Совет за превенција (ЛСП) на Општина Карпош ја одржа својата втора седница, на која се расправаше за актуелната и безбедносната ситуација во локалната самоуправа. Во рамки на денешната седница со која раководеше градоначалникот Стевчо Јакимовски, присуствуваа и Јавниот Обвинител, Александар Маркоски, претставничката од Комисијата за односи со верските заедници и религиозни групи, Наташа Никифоровиќ, службените лица од полициската станица Карпош, Главниот инспектор за превенција при СВР, Катерина Стојкова, претседателот на Советот, Бранко Ристов, советниците Добрила Андоновска, Татјана Стојановска, Гордана И. Велковска и Христо Саракинов, претставници од министерството за образование и од електронските и радио медиуми. Во оваа пригода, градоначалникот Јакимовски ги информираше присутните за фактичката состојба која ја констатираа инспекциските служби од Општина Карпош, откако неодамна извршија вонреден надзор над угостителските објекти од аспект на потребната документација, како и проверка на хидрантската мрежа и состојбата со противпожарни апарати во станбените згради на територија на локалната самоуправа. Оттука, првиот човек на Општината ја наметна темата за воведување на едукативни активности во основните училишта во Карпош, во поглед на справување со евентуалните безбедносни ризици кои можат да се појават во оваа средина. Притоа, присутните развија опширна дебата во која се разгледуваа повеќе конструктивни предлози, кои понатаму ќе се практикуваат во училишните и предучилишните установи во Карпош, во вид на стратегиии но и конкретни чекори во насока на општата безбедност. Во тој поглед, на седницата се говореше и за исполнување на законските обврски од областа на заштита и спасување, како и зголемување на нивото на безбедност во основните училишта и детските градинки кои се наоѓаат на територија на општина Карпош. Во насока на зголемување на општата безбедност, првиот човек на локалната самоуправа побара поголемо присуство на полициските службеници на теренот, со оглед на тоа што голем дел од урбаната опрема и од реквизитите кои ги поставува општината во рамки на детските игралишта, се честа мета на вандалско однесување. Во текот на расправата, советниците од Карпош алармираа за преземање на неопходни мерки во поглед на сигурноста во сообраќајот од аспект на распоредување на соодветна сигнализација, редовно обележување на пешачките премини и поставување на семафори на најкритичните точки на коловозот низ Карпош.