ПРОВЕРКА НА ХИДРАНТСКАТА МРЕЖА ВО ВОСПИТНО ОБРАЗОВНИТЕ УСТАНОВИ ВО КАРПОШ
- март 14, 2025
- 0
На иницијатива на Општина Карпош, Одделението за заштита и спасување на граѓаните и материјалните добра во соработка со лиценцираната фирма „Хелиум“ – ДООЕЛ, спроведува акција за испитување на исправноста, протокот и притисокот на хидрантската мрежа, во рамки на сите основни училишта, детски градинки и останати објекти кои се под надлежност на локалната самоуправа.
Овие активности се преземаат во насока на зголемување на нивото на безбедност од пожар, како превентивна мерка за контрола и увид во фактичката состојба со објектите во кои учат и престојуваат помладата генерација карпошани. За таа цел, само пред неколку месеци со одлука на Советот, Општината ги удвои финансиските средства од Програмата за заштита и спасување на граѓаните и материјалните добра, кои сега изнесуваат 4.080.000 денари.
Дополнителните средства се наменети за изработка на проценка на ризик, како и за ангажирање на стручно лице во насока на спроведување на мерките на Законот за безбедност и здравје при работа. Оттука, со паричните средства се набавени околу 170 нови противпожарни апарати за сите основни училишта и детски градинки на територија на Карпош, а во процедура е и поставување на нова хидрантска мрежа во ООУ „Војдан Чернодрински“.