КЦК ПРОДОЛЖУВА СО УНАПРЕДУВАЊЕ НА ПРАКТИЧНАТА НАСТАВА ВО ОСНОВНИТЕ УЧИЛИШТА НИЗ КАРПОШ
- февруари 18, 2025
- 0
Во организација на Креативниот центар Карпош – (КЦК), денеска попладне во ООУ „Јан Амос Коменски“ беше реализирана обука за професионален развој на наставниците по хемија и физика, кои ја одржуваат својата настава во основните училишта во Карпош.
Во таа насока, проф. д-р Методија Најдовски од Институтот за хемија од Природно – математичкиот факултет во Скопје кој воедно е и долгогодишен соработник на КЦК, ги едуцираше наставниците од Карпош, изведувајќи пред нив специфични експерименти од областа на електохемијата. Целта на овие стручни обуки наменети за наставниот кадар од Карпош е да се подобрат нивните компетенции за експериментална работа со основците, во рамки на училишната настава. Покрај стручниот пристап, наставниците добија и практични совети како на интересен начин да го привлечат вниманието на учениците и на тој начин да ја разбудат нивната љубопитност за истражување на природните науки, односно на физиката и хемијата. Во оваа пригода, секое основно училиште од Карпош доби и мини – сетови со пет различни експерименти за електролиза, кои ќе бидат дел од наставната програма на основците од Карпош. Инаку и оваа година во континуитет продолжува повеќедецениската соработка меѓу Креативниот центар Карпош и локалната самоуправа, која со право ја рангира Општината на високата лидерска позиција, од аспект на осовременување на училишната настава во Македонија.