Согласно Програмата за уредување на градежно земјиште за 2025 година, Општина Карпош денеска за своите сограѓани објави Јавен повик за доделување финансиска подршка за поправка и санација на кровни покривачи на станбени згради  за  колективно  домување  и  замена  на  азбестни  кровни  покривачи на индивидуални станбени објекти (куќи), на своја територија.

 

Во таа насока, за колективните станбени објекти (зградите), локалната самоуправа ќе субвенционира најмногу до 50% но не повеќе од 350.000 денари од вкупниот износ на вредноста на поправка и санацијата на кровен покривач.

 

            Додека пак за индивидуалните станбени објекти односно за куќите, Општина Карпош ќе субвенционира најмногу до 60%, но не повеќе од 120.000 денари од вкупниот износ на вредноста на замената на азбестниот кровен покривач.

            Право на учество на Јавниот повик имаат сите оние коишто се регистрирани како Заедници на сопственици (ЗС) или со заедницата да управува правно лице – Управител (УСЗ) , согласно Законот за домување и сопственици на индивидуални станбени објекти (куќи) во Општина Карпош. Постапката за субвенционирање ќе се одвива во две фази од каде по комплетирање на документите од првата фаза, апликантот ќе добие писмено известување дека е потенцијален корисник на субвенцијата. Со самото тоа апликантот преминува во втората фаза што подразбира дека тој може да отпочне со замена на кровниот покривач.

            Во овој случај, локалната самоуправа напоменува дека, доколку апликантот се одлучи да го промени стариот кровен покривач со користење на субвенција од Општина Карпош, истиот се обврзува да користи исклучиво бел или сив (силвер) лим за кровен покривач. Според условите од Јавниот повик, сите досегашни корисници на субвенција во изминатите јавни повици, објавени од страна на Општина Карпош, немаат право да учествуваат во јавниот повик за  2025 година.

            Jавниот повик е отворен и трае до исцрпување на финансиските средства предвидени во Буџетот на Општина Карпош за 2025 година за предметната намена, по принципот „прв дојден-прв услужен“.

            Пријавите се доставуваат во затворен и запечатен коверт, без означување на субјектот кој ја поднесува пријавата до Општина Карпош, преку пошта на адреса: ул. Радика бр.9 , 1000 Скопје, или во архивата на Општина Карпош, со назнака:

            Јавен повик за доделување финансиска поддршка за поправка и санација на кровни покривачи на станбени згради за колективно домување и замена на азбестни кровни покривачи на индивидуални станбени објекти (куќи) во Општина Карпош.

            Заинтересираните странки можат да добијат повеќе детали околу условите и потребната документација, на следниве линкови:

                                                           

                                                              Јавен повик:

https://karpos.gov.mk/wp-content/uploads/2017/08/Javen-povik-za-popravka-i-sanacija-na-krovni-pokrivaci-2025-2.pdf

 

                                                    Правилник за покриви:

https://karpos.gov.mk/wp-content/uploads/2017/08/Pravilnik-za-uslovite-kriteriumi-za-krovni-pokrivaci-2025-2.pdf

                                        

                                                     Апликација за покриви:

https://karpos.gov.mk/wp-content/uploads/2017/08/Aplikacija-za-popravka-i-sanacija-na-krovni-pokrivaci-2025-2.pdf

 

За дополнителни информации, граѓаните можат да се обратат на следниве телефонски броеви: 071/350-388 или 078/487-636.