ТРЕТООДДЕЛЕНЦИTE ОД „ЛАЗО ТРПОВСКИ“ СО ПРИЗНАНИЈА ОД ЊУЈОРК,САД
- декември 19, 2024
- 0
Шеснаесет основци од ООУ „Лазо Трповски“предводени од одделенската наставничка Ирена Грегориќ и предметниот наставник Стефан Симовски, добија престижни признанија за своите ликовни творби, со кои учествуваа на 27. Меѓународен ликовен натпревар „Пријатели на мирот 2024“ кој се одржа во Васек, Њујорк, САД. Станува збор за третоодделенците Магдалена Ќурчинска, Андреа Славковска, Ирис Граоркоска, Петрит Адеми, Нора Муфтарова, Јован Симовски, Илина Наумоска, Антонио Ѓорѓевиќ, Давор Гавриловски, Ѕен Иљовски, Филипе Георг Вучков, Ана Тренчовска, Дарија Димоски, Лина Јаневска, Лукас Трајковски и Мила Синадинова, кои годинава со своите ликовни дела конкурираа на меѓународниот натпревар во чии рамки се аплицираа повеќе од 4.500 ученици од 123 земји во светот. Темата на годинашниот ликовен натпревар кој традиционално се одржува во Њујорк носеше наслов „Љубовта почнува со мене“, а училиштето од општина Карпош – „Лазо Трповски“ веќе четврт пат едноподруго учествува на овој реномиран натпревар. Целта на овој глобален проект кој изминативе 27 години се реализира под покровителство на УНИЦЕФ е поттикнување на свеста кај децата ширум светот (на возраст од 5 до 16 години) за креативно изразување. Оваа меѓународна програма има за цел да ги поттикне децата преку креативни активности да бидат посветени кон промовирање на мирот и создавање иднина во која ќе владеат хармонијата и меѓусебното разбирање. Ликовните творби на учесниците од ООУ „Лазо Трповски“ ќе бидат изложени на светската изложба, која ќе се одржи следната година во Њујорк.