ЧЕТВРТООДДЕЛЕНЦИТЕ ОД „ВОЈДАН ЧЕРНОДРИНСКИ“ ВО ПОСЕТА НА ЛОКАЛНАТА САМОУПРАВА
- ноември 29, 2024
- 0
Како дел од практичната настава која е предвидена во рамки на предметот Историја и Општество, четвртоодделенците од ООУ „Војдан Чернодрински“ денеска беа во посета кај градоначалникот на Општина Карпош, Стевчо Јакимовски.
Младите карпошани беа најзаинтересирани за обврските и надлежностите на градоначалникот, каква е структурата на локалната самоуправа, одржување на здравата животна средина, како и за своите обврски како најмлади жители на Карпош.
Љубопитните ученици побараа одговор од првиот човек на општината зошто нема луна парк, на што тој се согласи дека тоа не е добро и дека последните три градоначалници на Град Скопје, во чија надлежност е Луна паркот, потфрлиле во исполнување на ветувањето дека ќе изградат нов и модерен парк во кој ќе се забавуваат не само младите скопјани туку и посетителите од регионот.
Основците исто така се интересираа како можат да придонесат во подобрување на животот во општината, на што Јакимовски им порача дека за тие, како деца ќе помогнат доволно, ако го фрлаат ѓубрето во канти за отпадоци со што ќе помогнат при одржувањето на хигиената, да не ги уништуваат реквизитите на детските игралишта и да не ги чкртаат ѕидовите на зградите. Исто така, тие побараа од градоначалникот да постави вештачка трева на фудбалското игралиште во рамките на училиштето, на што Јакимовски им вети дека тоа ќе го направи во текот на следната година. Во непосредниот разговор, првиот човек на општината им напомена на основците дека тие треба да бидат фокусирани и постојано да стекнуваат нови знаења, да спортуваат и вредно да работат, а за возврат Општина Карпош дополнително ќе ги мотивира преку училишни стипендии, наменети за талентирани ученици и спортисти.