ОСУМ ДЕЦЕНИИ ОД ОСЛОБОДУВАЊЕТО НА СКОПЈЕ
- ноември 13, 2024
- 0
По повод 80 годишнината од ослободувањето на градот Скопје, денеска, со низа почести, пред споменикот на борците од Првиот Скопски партизански одред, градоначалникот Стевчо Јакимовски, како и делегации на Сојузот на борци на Македонија, оддадоа почит и се поклонија на овој голем ден за главниот град.
Во рамки на свеченоста, беа засадени 40 дрвца од видот црвенолисен јавор, како дел од завршната еко есенска акција на Општина Карпош. Првиот човек на Општината, во своето обраќање проговори за минатото и сеќавањата на 13 ноември, далечната 1944 година.
-Да го одбележиме достоинствено овој голем празник, ослободувањето на Скопје сите заедно. Ден кога почнува да се развива слободарскиот дух во Македонија и полека но сигурно започнува да се гради современата држава. Оттука, години подоцна, градоначалниците како и самите граѓани, придонесуваат да започне ерата на градење и развивање на главниот град. На нам ни останува да ги негуваме овие традиции, во исто време да не ни се руши идентитетот. Наредната година да се собереме во уште поголем број и особено ми е драго што денеска млади луѓе се присутни – заврши Јакимовски.
Имено, Сојузот на борци на Македонија – Карпош во претходно организиран литературен конкурс, ги повика учениците од сите основни училишта на територија на Карпош кои учествуваа и кои ги освоија првите награди, да ги прочитаат своите дела пред присутните. На конкурсот учествувале и ученици од Општина Ѓорче Петров, како и средношколци од гимназијата ,,Никола Карев”. По настанот, учениците заедно со вработените од Комуналниот сектор, ги засадија дрвцата во чест на големиот празник за главниот град.
По повод одбележување на 13-ти ноември, четиричлена делегација од Општина Карпош, денеска им оддаде почит на паднатите борци од НОБ, положувајќи свежо цвеќе пред споменикот на ослободителите на Скопје.