По тематскиот ликовен настан, кој се одржа минатиот викенд во Кинотеката на Македонија, традиционалната манифестација Карпошово културно лето продолжи во ритамот на музиката. Така, изминатата ноќ беше место на кое можеше да се слушне извонредниот глас на младиот и талентиран пејач Јасмин Алиевски, кого публиката го запозна на познатото српско музичко шоу ,, Ѕвездите на Гранд”. Тој ги отпеа познатите македонски и балкански хитови, а пред присутните се претстави и со неговите авторски песни.

Пред многубројната публика, со бравурозна изведба на познати странски и македонски балади и евергрини, настапија и неприкосновените и прекрасни дами од аматерскиот женски хор ,,Фрида од Македонија”. Поведени од одличната атмосфера на бината, карпошани во еден глас пееја заедно со енергичните вокалистки од женскиот хор, приредувајќи уште една вечер за паметење.
Јубилејното 15-то Карпошово културно лето, со својот настап официјално ќе го затворат членовите на легендарна група ,,Леб и сол” и тројцата добро познати оперски пеачи ,,Трио Џентлмен”.