Општина Карпош  ги реконструира фасадите кои не се обновени уште од 1980 година. Денеска, пред медиумите, ова го потврди и градоначалникот на Општина Карпош, Стевчо Јакимовски кој образложи што се работи во моментов и што е планирано да се реконструира во иднина.

-Денеска се наоѓаме на улицата ,,Јуриј Гагарин” кадешто се реконструирани две станбени згради со број 47 и 49, а претходно беше реконструирана фасада на станбен објект на  улицата ,,Братфордска” кој преостанува задниот дел да се доврши. Во исто време продолжуваме кон десеткатниците кои се наоѓаат на улица ,,Јуриј Гагарин 53 и  70” –  рече Јакимовски.

Од општинскиот буџет за оваа намена издвоени се околу 450.000 евра за разубавување на Општината, но во исто време би се зголемила  енергетската ефикасност на овие објекти. Првиот човек на Општината додаде дека по завршувањето на обновата на фасадите на улицата ,,Јуриј Гагарин”, се продолжува и на други локации во Карпош.

-По улицата ,,Јуриј Гагарин”, продолжуваме со реконструкција на фасадите на руските згради, после студентскиот дом ,,Гоце Делчев” од десната страна, односно на улицата ,,Адолф Циборовски”, кадешто се планирани да се обноват четири фасади – заврши градоначалникот.