Во организација на училишниот спорт на Република Македонија под покровителство на Општина Карпош, денеска во СЦ „Борис Трајковски“ се одржа Државниот натпревар во изведба на карате техники или поточно „кати“, во кој учествуваа учениците од основните и средни училишта на територија на Македонија. Во рамки на спортскиот настан се натпреваруваа 79 каратисти од 41 училиште ширум нашата држава.

Во духот на традицијата, со својата прекрасна сценска изведба збогатена со живописните македонски мотиви и фолклорни обележја, настапија талентираните играорки  од аматерското здружение Ансамбл „ЕТНОС“. Приутните ги поздрави претседателот на училишниот спорт на  РМ, проф. Александар Туфекџиоски, а државното првенство го отвори градоначалникот на Општина Карпош, Стевчо Јакимовски.

 

  • Општина Карпош ги поддржува и ги стипендира сите спортисти кои постигнуваат врвни резултати на државно и меѓународно ниво. Денеска се надевам дека токму претставниците од Карпош ќе освојат некој медал, за потоа ние да ги наградиме соодветно. Во оваа пригода апелирам до останатите градоначалници да го следат нашиот пример и да ги поттикнат талентираните спортисти кои денеска ќе покажат солидни резултати. Тоа секако дека можат да го сторат преку обезбедување на финансиска поддршка односно стипендии, со кои ќе ги мотивираат младите спортисти  да работат поупорно, што би можело понатаму да влијае позитивно на нивната спортска кариера – истакна Јакимовски.