РЕКОНСТРУКЦИЈА НА ОШТЕТЕНИТЕ КЛУПИ НА ПЛОШТАДОТ ДЕЛФИНА
- април 19, 2024
- 0
Општина Карпош денеска повторно испрати екипи на теренот за да ја санираат оштетената урбана опрема на плоштадот Делфина во населбата Влае, која тенденциозно се уништува во изминатиов период. Имено, во последниве два месеци локалната самоуправа интервенирала на оваа локација дури четири пати, со цел да ги врати демолираните реквизити во првобитна состојба.
Бидејќи девијантното однесување на несовесните граѓани не запре, стручните служби од Општината испратија официјален допис до полициската станица Карпош, при што побараа поголемо присуство на полициските службеници во тој реон, особено во подоцнежните часови. Со оглед на тоа што станува збор за инвентар којшто е во јавна сопственост на сите жители на општина Карпош, апелираме до граѓаните да се однесуваат примерно и совесно да ја користат урбаната опрема (клупи, корпи за отпадоци и сл.) бидејќи истите се поставени да служат за нивно плодоуживање.