Традиционално, секоја година, на неколку локации во Карпош, граѓаните го одбележуваат големиот христијански празник Свети Атанасиј Велики. Денеска, на пладне, жителите на Злокуќани во голем број се собраа заедно да ја проследат свечената литургија со осветување на водата и храната, и да ги прогласат новите кумови за наредната година.

                Градоначалникот на Општина Карпош, Стевчо Јакимовски, им го честиташе овој голем празник на сите верници, со надеж за подобро здравје, бериќет, слога и мир.

 

                -Денеска е голем ден, свети Атанасиј, празник во кој што жителите на Влае, Злокуќани и Жданец го чествуваат на пригоден начин, со богата трпеза и весела атмосфера. Јас бев гостин во трите урбани заедници, како традиција која ја практикувам секоја година, да се видам со моите сограѓани, да споделиме она што имаме и секако да го прославиме празникот. Ова е една прекрасна традиција која се продолжува. За среќа, има се почесто помлади граѓани кои се јавуваат за кумови. Општината донира одредена сума средства за прославите на верските празници и нас ни е задоволство што сме дел од ваквите збиднувања и чествувања. – исктакна Јакимовски.

По посетата во Злокуќани, првиот човек на Општината, се упати кон Влае, кои исто така жителите на традиционален начин го одбележаа Свети Атанас, празникот кој ја означува средината на зимата, односно дека се поминати главните студови. По свечената литургија, се сервираше  Славска софра, а во попладневниот дел од денот, организирана е и музичка забава за поглемиот број на граѓани со топли напитоци и греано вино. Оваа манифестација се прославува секоја година, со цел да се продолжи традицијата на заедничко празнување и дружење.