На базенот  СЦ  „Борис Трајковски“, по повод Денот на ослободувањето на Скопје, во организација на ВК ,,Вардар ветерани” и со подршка од Општина Карпош, денеска започнува Mеѓународниот турнир во ватерполо за ветерани (над 35  години). На турнирот, покрај домашната екипа на Вардар Ветерани која ќе настапи со два состава, ќе има и екипи од Хрватска, Босна и Херцеговина и Црна Гора. Покрај овие претставници од поранешна Југославија, на турнирот ќе учествуваат и екипи на ватерполисти-ветерани, кои доаѓаат од Грција, Бугарија, Турција, Словачка, Јапонија и Велика Британија.

Ватерполо  турнирот за започнат го прогласи градоначалникот на Општина Карпош, Стевчо Јакимовски.

-Ви посакувам добредојде на сите учесници на овој ватерполо турнир. Драго ми е што пред се се дружите и соработувате од сите држави од поранешна Југославија, и од соседството. Како досега така и понатаму Општина Карпош ќе го поддржува спортот,  ватерполото, пливањето, како и опстанокот на овој значаен спортски комплекс. На крајот би посакал многу дружења , нови пријателства и нека победат најдобрите. Го прогласувам турнирот за отворен – рече Јакимовски.

Мастерс-турнирот во ватерполо за ветерани,  на еден начин го афирмира ватерполото кај младата популација, како и дружбата за стекнување пријателства  помеѓу љубителите на овој спорт од целиот регион па и пошироко. По свеченото отворање, натпреварите меѓу ватерполистите-ветерани ќе се одиграат денес и утре од 10 до 17 часот, во базенот во СЦ„Борис Трајковски“ кој ќе биде отворен за сите љубители на ватерполото.