Во рамки на денови на Општина Карпош, вчера и денеска се одржаа спортски натпревари во кошарка, фудбал и одбојка за девојчиња за основните училишта,  како дел од годинешната прослава од роденденот на локалната самоуправа.  По вчерашниот кошаркарски натпревар, во којшто како победници се издвоија учениците од ООУ ,,Владо Тасевски’’, денеска, на игралиштето во населба Влае се одигра финалниот натпревар во фудбал помеѓу ООУ „Братство“ и ООУ „Владо Тасевски“. Голема неизвесност владееше на фудбалскиот терен, но како подобра  се покажа екипата од ООУ „Братство“ која успеа да ги совлада основците на ООУ „Владо Тасевски“ со резултат 2-0.

Имено, по повод роденденските денови на Општината, на теренот од салата во ООУ„Христијан  Тодоровски-Карпош“, се одигра одбојкарското финале и по одличната игра, тимот од  ООУ „Владо Тасевски“ ја покажаа својата борбеност  во дуелот со основките од ООУ„Јан Амос Коменски“, кои со резултат од 2:0 во сетови триумфираа и го подигнаа победничкиот пехар.

Градоначалникот на Општина Карпош, Стевчо Јакимовски ги додели дипломите и пехарите за најдобрите, а во својот поздравен говор го поддржа спортскиот дух на младите таленти и им посака уште многу успеси.

-Денот на Општината на одреден начин го одбележуваат сите граѓани на Општина Карпош со разни активности, од предучилишна возраст до највозрасните. Во текот на вчерашниот ден имавме финален натпревар во кошарка каде што пехарот го однесоа учениците од ООУ ,,Владо Тасевски’’, денеска повторно беа финалисти и во фудбал, но првото место им припадна на подобрите, во случајов на тимот од ООУ ,,Братство’’. Мене особено ми претставува задоволство да гледам ваков спортски и натпреварувачки дух, борбеност на теренот и упорност кај овие млади карпошани во кои има одлични таленти – истакна Јакимовски.