На меѓународниот литературен натпревар за млади кој се одржа во Токио (Јапонија), ООУ „Лазо Трповски“ од општина Карпош освои награда во екипна конкуренција на училишта. Имено, наградата на училиштето му ја донесоа седумтемина основци, Лара Станчева, Тамара Ѓоќеска, Атанас Стаматовски, Берк Ѓунеш, Стефан Митревски, Миа Хаас и Галена Стојановска, под менторство на предметниот наставник по германски јазик,  Стефан Симовски. Тие учествуваа со свои лични творби напишани во форма на есеј на тема „Младите како идни креатори на мир во светот“.

 

Годинава, на овој реномиран натпревар  кој се одржува во рамки на одбележувањето на „Деценијата на Обединетите нации за одржлив развој на образованието“ учествуваа 20.674 ученици од 168 земји ширум светот, а истиот го организира УНЕСКО и фондацијата ГОИ од Токио. Овој глобален проект се реализира од 2020 до 2030 година и во него активно се вклучени сите земји-членки на УНЕСКО. Покровител на натпреварот е министерот за образование, култура, спорт, наука и технологија на Јапонија.

 

ООУ „Лазо Трповски“ 13. пат едноподруго, учествува на Меѓународниот литературен натпревар за млади во Токио, Јапонија, на кој досега има освоено три награди (2015, 2016 и 2021 година).