По  повод Конференцијата на ЦЕИ која ја организира АЛДА – Европска организација за локална демократија, која ќе се одржи во четврток и петок, денеска попладне, претставници од АЛДА се сретнаа со градоначалникот на Општина Карпош, Стевчо Јакимовски. Имено, на работната посета се говореше за долгогодишната соработка помеѓу овие две институции, и пред се одбележување на Општина Карпош како членка на оваа реномирана организација, која се спроведе во мај оваа година.

 

Почетоците на работните задачи помеѓу Општина Карпош и АЛДА Скопје датираат од 2012 година, од почетокот на работата на канцеларијата во Скопје. Оваа соработка бележи одлични резултати во однос на вклученоста од двете земји и оригиналниот пристап. Во рамките на соработката Општина Карпош се збратими со Општината Флери-сур-Орн, во близина на градот Каен и плажите на Истоварувањето од втора светска војна. Во текот на годините беа реализирани неколку размени помеѓу двата града и спроведени проекти најчесто со младинско и граѓанско учество.

Градоначалникот Јакимовски им посака добредојде на присутните и ја поздрави иницијативата за продлабочување на соработката помеѓу Општина Карпош и Европската Асоцијација за Локална Демократија – АЛДА. Во рамки на разговорот тој посочи дека заедничкото учество во поголеми регионални проекти, би имало поголем ефект за граѓаните, но и за целото општество.

 

Општината Карпош како членка на АЛДА постојано ја подржува работата на АЛДА и активно учествува на настани, развој  на проекти и размена  на идеи. Соработката на Општина Карпош со АЛДА започна со активностите во програмата на Соработка меѓу Нормандија и Македонија, каде општината беше збратимена со градот Флери од Нормандија и преку која беа спроведени бројни проекти на различни теми и размена на искуства.

АЛДА – Европската асоцијација за локална демократија е организација посветена на промоцијата на доброто владеење и граѓанското учество на локално ниво. АЛДА особено се фокусира на активностите кои ја олеснуваат соработката помеѓу локалните власти и граѓанското општество. Мрежата на оваа меѓународна организација се состои од 350 членки (локални власти, асоцијации на локални власти и невладини организации) од 40 различни земји.