Во посета на градоначалникот на Општина Карпош Стевчо Јакимовски денеска беше чичко Јордан Златановски, по потекло од Тетово, кој долги години живее  во населба Тафталиџе. Чичко Јордан кој заедно со неговото семејство повеќе од две децении се занимава со правење мекици, познати како мекиците „САМА“ е еден од најбараните производители на мекици за принови. Овој многу интересен господин, полн со енергија и со разни случувања, меѓу другото, правел мекици за раѓање на принцови и принцези, за пет кралски семејства во светот.

Така, мекиците „САМА“  биле дел од прославата за раѓањето на принцот Хисахито, кое е прво родено машко дете во јапонското кралско семејство по четириесет години. Според уставот на Јапонија, само машките деца го наследуваат тронот.

Златановски исто така правел мекици за раѓањето на принцезата од Шведска, за принцот од Шпанија, за трите деца на принцот Вилијам и Кејт Мидлтон од Англија, како и за близначињата на принцот Алберт од Монако. Чичко Јордан вели дека желба му е да го посети принцот од Монако и како што се шегува, да му помогне да добие џек пот со девет нули.

Потврда за квалитетот на неговите мекици и духот кој го поседува целото негово семејство и успехот на овој мал семеен бизнис, неодамна дојде од Лондон. Јордан доби сертификат со кој се потврдува дека неговиот деловен субјект е во групата компании со бонитет А+. Крајна цел му е да направи „Куќа на радоста“ која ќе претставува место за прослава, по можност во неговата општина Карпош, каде што ќе биде место во кое ќе се прославуваат раѓањата на идните новороденчиња и на таков начин ќе се промовира наталитетот.