Општина Карпош е првата Општина во целата држава, во која за прв пат се одржуваат семејните спортски лиги, по примерот на некогашна источна Германија. Во организација на поранешниот професор доктор Вангел Симев, кој доаѓа од Факултетот за физичко образование, спорт и здравје, при УКИМ, а со финансиска поддршка од Општина Карпош, денеска на спортското игралиште ,,Алумина” започнаа семејните спортски игри во расположение и пред се дружба на децата и родителите од основните училишта и градинките на територија на Карпош.

                Целта на овој спортски настан, е да се влијае на децата да применуваат повеќе спортски активности, да се дружат во реалниот свет, а не во виртуелниот, да се развиваат правилно и здраво да живеат. За прв пат оваа година, Општина Карпош е домаќин на спортски игри од ваков тип, а истите вклучуваат  рекреативни натпреварувања на родителите и децата, односно вежби како растегнување на федери, фрлање медицинска топка, влечење јаже, трчање 400 метри за возрасните, а за децата, вежби на полигон (со обрач, со гумени токи и скокови, маркери и тениски топчиња) и многу други. Вежбите се наменети како медицински помагала за подобрување на стомачната мускулатура, рамениот појас како и многу други здравствени проблеми. Професорот, Вангел Симев ги поздрави присутните и им посака успешен почеток на семејните спортски лиги, со надеж дека ќе прераснат во традиционални.

                На рекреативното спортско натпреварување се доделија парични награди за најдобрите семејства во одредени категории. Првата награда беше ваучер од 5.000 денари во спортска опрема од фан шоп ,,Вардар”, втората, ваучер од 3.000 денари а третата награда, сума 2.000 денари исто така од фан шоп ,,Вардар”. Се поделија и по десет ваучери од по 1000 денари од ДМ козметика, како единечни награди кои вклучуваат родител/старател со дете. За да може да се реализира овој настан за прв пат во Карпош, заслужни се и наставниците и вработените од градинките, кои ја поттикнаа идејата за да се пријават  родителите со децата и да присуствуваат на ова спортско случување како викенд уживање. Организаторот Симев, одлучи да ги награди  учесниците во целиот проект, за нивно индиректно учество, со парична награда од по 1.500 денари.

                Двочасовното дружење помина во најдобар ред, одлична организација и пред се задоволни и насмеани лица. Овој проект, се стреми во иднина да прерасне во традиционална манифестација на која ќе се вклучат и другите Општини.