Секторот Инспекторат при Општина Карпош деновиве спроведува интензивна акција за контрола на урбаната опрема, за сите правни субјекти кои ја користат јавната површина за сопствени деловни цели на територија на локалната самоуправа. Инаку, оваа активност на инспекциските служби се спроведива во согласност со Законот за јавна чистота и Законот за градење.

Општинскиот комунален и градежен инспектор по службена должност ги контролираат локалите и во вечерните часови, кога интензитетот на работа на кафулињата, рестораните и другите правни субјекти се зголемува, а со тоа има индиции дека се прекршуваат законските одредби.

Во таа насока, за една недела се започнати 21 инспекциска постапка при што се издадени 10 Решенија за опомена, а со истата динамика на теренот, инспекторите констатирале дека има и локали кои во целост поседуваат уредна документација. Доколку и по издадените Решенија за опомена, правните субјекти не ги отстранат недостатоците коишто се утврдени, ќе следува казна-глоба изречена од општинскиот комунален инспектор. Во овој случај би следувало и отстранување на урбаната опрема и забрана за работа, постапки кои ги спроведува општинскиот градежен инспектор.

По тој повод, инспекциските служби од Општина Карпош апелираат до сите правни субјекти кои користат урбана опрема на јавен простор, целосно да ја комплетираат потребната документација и да се придржуваат кон истата. Притоа, Секторот Инспекторат од Општина Карпош најавува дека оваа акција ќе се одвива во континуитет и во наредните денови.