ПРИМЕНА НА МЕТОДОЛОГИЈА ЗА ЕВРОПСКО ЕНЕРГЕТСКО ПРИЗНАНИЕ – ЕЕА ПРЕКУ ИМПЛЕМЕНТАЦИЈА НА МЕРКИ ЗА ЕНЕРГЕТСКА ЕФИКАСНОСТ И КЛИМА
- јуни 9, 2023
- 0
Оваа недела, Општина Карпош како пилот општина во рамки на проектот „The Excite project: the European Energy Award in Central and Eastern Europe“, со свој претставник од Секторот за екологија и енергетска ефикасност учествуваше на студиско патување во посета на општина Добрич, Бугарија.
На средбата присуствуваа партнерите од осум земји кои се дел од конзорциумот на проектот, пилот општините и меѓународните консултанти за Европското енергетско признание (European Energy Award – ЕЕА).
Претставниците од Општина Карпош посетија повеќе реновирани објекти за зголемување на енергетската ефикасност, и се запознаа со проекти во општината каде се имплементираат обновливи извори на енергија, како што е детска градинка која е реновирана чекор-по-чекор и противпожарната станица која применува онлајн мониторинг систем на потрошувачката на енергија.
Претставниците од Секторот за екологија и енергетска ефикасност од Карпош беа и во градот Албена, каде направија увид на фотоволтаичните инсталации кои се наменети за сопствени потреби, а на презентацијата беа претставени резултатите постигнати во заштеда и производство на енергија за 2022 година. Притоа, беа презентирани и резултатите и придобивките од примена на принципот на „циркуларна“ економија и одржливо искористување на сите ресурси.
Проектот „Excite – Стандарди за одличност, инвестирај во доверба – сервиси за енергетски менаџмент прилагодени на локалните власти во Источна Европа“, има за цел директно да ги подобри климатските акциски планови во 25 општини ширум Европа, преку рационално искористување на енергијата и употреба на обновливи извори на енергија и тоа преку примена на методологијата на Европското енергетско признание (ЕЕА – #EuropeanEnergyAward). Проектот е финансиран од Европската Комисија во рамки на програмата Хоризонт 2020 и се спроведува во осум Европски земји, поточно во Бугарија, Австрија, Романија, Франција, Словенија, Украина, Швајцарија и Македонија. Во нашата земја, проектот го спроведува Хабитат Македонија во општините Карпош, Кочани и Кичево.