Разговор со Павел Николовски од 7в ООУ Димо Хаџи Димов младиот спортист на Алпинистичката карпа

 

  • Од каде идејата да започнеш со качување на алпинистичка карпа? Кога се роди желбата за истото?

– Јас прво започнав да тренирам ракомет. Желбата за качување се роди кога татко ми славеше роденден во Болдер Бар каде што сега тренирам. Тогаш прв пат пробав, и од тогаш овој спорт стана мојата најголема љубов и мое секојдневие.

  • Колку време од денот посветуваш на овој спорт? Дали твоите наставнички и другарчиња од училиште имаат разбирање за секое твое отсуство?

-На тренинг одам од четири  до пет  пати неделно,а викендите обично ги користиме за качување на природна карпа во некој од нашите многубројни качувачки локалитети. Овие дружби ни се омилени бидејќи покрај качувањето се дружиме и поминуваме време на чист воздух во природа. Од училиште не отсуствувам многу бидејќи се трудам тренинзите да ги правам после наставата а натпреварите обично се за време на викендите. Исклучок се натпреварите во странство кога неизбежно е да се остане неколку дена па има потреба да се отсуствува. Инаку класната Невена Петковска од Димо Хаџи Димов е прекрасна и полна со разбирање и секогаш ми излегува во пресрет. 

  • Што поточно правиш кога се искачуваш на карпа, која е твојата цел и она што сакаш во иднина да го постигнеш?

-Качувањето на карпа е интересен спорт кој истовремено бара посветеност, дисциплина, снаодливост и техника. За успешно да ја искачиш карпата треба да постои совршен баланс помеѓу овие неколку вештини. Спортот го развива истовремено секој мускул од телото но бара и брза реакција и координација помеѓу телото и умот. Прво и основно мојата цел е да израснам во здрава личност како физички така и психички, да остварам што повеќе другарства, а резултатот си доаѓа сам по себе. Желба ми е да учествувам на поголеми првенства, па и на Олимписките игри. 

  • Дали си учествувал досега на некои првенства и кои се твоите резултати?

-Во Македонија сум учествувал на сите првенства кои се организираат низ целата земја, во дисциплините болдер и водство како и натпревари на природна карпа. Последните две години сум на првото место во мојата категорија. Покрај тоа имам учествувано на неколку меѓународни првенства во соседните земји. Би сакал да им порачам на сите деца да спортуваат и да се дружат, бидејќи само така ќе израснат во здрави личности.