Во рамки на одбележување на роденденот на Општина Карпош 3. ноември, Секторот за екологија и енергетска ефикасност ја реализира традиционалната есенска акција за садење дрвја на своја територија.   Имено, деновиве беа засадени повеќе високоразвиени дрвја на разни локации низ локалната самоуправа. Во таа насока ќе бидат засадени вкупно 74 садници од типот на јавор, каталфа, црвена јапонска слива и туи.

По тој повод, градоначалникот на Општина Карпош, Стевчо Јакимовски денеска направи увид во хортикултурните активности кои се одвиваа во непосредна близина на  плоштадот Делфина во населбата Влае 2, каде просторот беше дополнително облагороден со 19 нови листопадни дрвја.

 

  • Организирајќи вакви акции, ние се трудиме максимално да ја подобриме еколошката состојба во локалната самоуправа. Тоа значи дека кон оваа иницијатива можат да ни се придружат и граѓаните, еколошките здруженија или пак претставниците од Советот на општината. На оваа локација засадуваме нови дрвја, со цел да направиме т.н „зелена брана“ од загаденоста и бучавата. Во одредени случаи кога ги отстрануваме старите дрвја поради болест, веднаш на нивно место засадуваме нови, за да го одржиме континуитетот на здравата животна околина –  истакна Јакимовски.

Стручните служби на Општина Карпош го раззеленуваа и потегот позади Педагошкиот факултет „Св. Климент Охридски“, каде што ги уредуваа жардиниерите, садејќи 10 нови врби и ниско грмушести растенија кои се донација од подмладокот на Rotaract клубот.

Кон оваа акција се приклучи и советникот од Општина Карпош, Дејан Лазаревски, кој во оваа пригода ја поздрави иницијативата на локалната самоуправа и напомена дека Советот и понатаму ќе ги поддржува ваквите хортикултурни активности.