КАРПОШ ЈА ЗАЈАКНУВА УЛОГАТА НА ОПШТИНСКИОТ СОВЕТ
- октомври 14, 2022
- 0
На тема „Подготовка на општинските буџети, усвојување и извршување“ денеска во просториите на хотелот Александар Палас започна дводневната обука во чии рамки учествуваа претставниците од администрацијата и Советот на Општина Карпош. Станува збор за стручна обука која заеднички ја организираат УНДП, Министерството за локална самоуправа, Швајцарската агенција за развој и соработка и Здружението на финансиски работници на локалните самоуправи и јавните претпријатија.
Инаку, обуката е дел од проектот „Зајакнување на општинските совети“ која има за цел да ги поддржи општините во подигнување на нивото на отвореност и инклузивност, со што од друга страна ќе се помогне во градењето на јавната доверба во локалните институции. Во оваа фаза на проектот учествуваат 10 општини, каде што ќе бидат опфатени 11 теми кои се поврзани со јавниот финансиски менаџмент, просторното и урбано планирање, доброто управување и борбата против корупцијата, меѓуопштинската соработка, родовата еднаквост, животната средина, како и справување со кризи на локално ниво.
Притоа, од особена важност за учесниците во проектот е што секоја од десетте општини ќе има можност да искористи грант во висина од 40.000 до 60.000 долари за проекти кои ќе бидат избрани низ директна консултација со граѓаните, преку форуми кои треба да се организираат во рамки на заедниците. Проектите финансирани преку програмата, ќе имаат за цел да ги подобрат социјалните услуги за најранливите категории граѓани, притоа подеднакво решавајќи ги нивните потреби без разлика на нивната припадност (родовата, етничката и сл.).
Дополнително, секоја од овие општини ќе добие финансиска поддршка во висина од 10.000 до 12.000 долари наменети за воведување на иновативни алатки за подобрување на отчетноста, транспарентноста и учеството на граѓаните во работата на општинските совети. Во овој случај, локалната самоуправа би добила финансиска поддршка за набавка на аудио-видео опрема, која ќе служи за пренос во живо на седниците на Советот на Општина Карпош.