КАРПОШ ВКЛУЧЕН ВО УНАПРЕДУВАЊЕТО НА РОДОВИТЕ ПЕРСПЕКТИВИ
- септември 23, 2022
- 0
Општина Карпош, веќе неколку години, во континуитет, преку своите услуги и административно работење прибира и користи родово разделени податоци, кои натаму се основа во креирањето на политики и програми за работа на локалната самоуправа. Таквите чекори нанапред Општината ги прави преку континуирани обуки на администрацијата за собирање на родово разделени податоци во областа на урбанизмот, образованието, спортот, културата, човековите ресурси и сл.
Добиените податоци натаму се клучни во вклучувањето на родовата политика на локалната власт во рамки на програмите за работа и општинските надлежности во сите сфери на работа. Токму таква Обуката за мониторинг на програми од родова перспектива се одржа од 21 до 23 септември во Струга. Обуката е организирана од канцеларијата на UN Women во Скопје во рамки на проектот „Промоција на Родово одговорни политики и буџети: кон транспарентно, инклузивно и отчетно управување во Република Северна Македонија“. На оваа обука Карпош имаше своја претставничка, а на неа нагласката беше ставена на мониторингот на ваквите процеси, преку примена на постапките на следење, евалуација и известување, учење на методите за собирање родово разделени податоци и анализа на индикаторите кои укажуваат на постигнувањата на планот на родовите перспективи. Иако целосната имплементацијата на прибирање родови податоци и креирање родови политики треба уште да се надградува, сепак патот кон родово буџетирање и унапредувањето на родовите политики во Општина Карпош во повеќе области, од јавни дејности до образование и изградба на соодветна инфраструктура, и натаму е отворен.