„ПАРТИЗАН” ЌЕ ГО ДОБИЕ НОВИОТ ЛИК
- април 21, 2022
- 0
На големо задоволство на карпошани, од денеска и официјално стартуваат градежните активности за реконструкцијата на спортската сала Партизан во Карпош 4. Култниот спортски објект ќе биде целосно обновен како внатрешно, така и надворешно, со што повторно ќе го врати својот сјај и функционалност.
Партизан повторно ќе биде место каде што ќе се афирмираат младите спортисти во различни спортови и од каде ќе произлезат многу нови спортски имиња. Реконструкцијата ќе чини 69.5 милиони денари, а инвеститори на проектот се Агенција за млади и спорт и Општина Карпош. Изведувач на градежните работи е фирмата „Спектатермо ДОО Скопје“. По целосната реконструкција на салата која е предвидено да трае 18 месеци, објектот целосно ќе биде ставен на располагање на карпошани.
По заедничката обиколка на спортската сала Партизан, претседателот на владата на Македонија Димитар Ковачевски го посети градоначалникот на општина Карпош Стевчо Јакимовски во неговиот кабинет. Во текот на разговорот градоначалникот Јакимовски и премиерот Ковачевски разменија мислења за потребите на граѓаните на Карпош, имајќи предвид дека премиерот е жител на оваа општина, а исто така стана збор и за зголемените трошоци за електрична енергија, начините и можностите за заштеда, воведувањето обновливи извори на енергија и за проблемите во областа на урбанизмот. Ова е втора средба на градоначалникот со премиерот во изминатите 30 дена.