Делегација од Универзитетот за туризам и менаџмент – Скопје, предводена од ректорот, д-р Аце Миленковски, оствари работна средба со градоначалникот на Општина Карпош, Стевчо Јакимовски. Во рамки на денешната посета, присутните развија конструктивна дебата, по што Јакимовски и Миленковски потпишаа меморандум за соработка помеѓу Општина Карпош и  Универзитетот за туризам и менаџмент во Скопје.

 

Во духот на добрата соработка, ректорот Миленковски му врачи на Јакимовски, ваучер со 15 стипендии за додипломски студии, наменети за жителите на Општина Карпош. Станува збор за четиригодишни стипендии со целосно покриени трошоци за студирање на  Универзитетот за туризам и менаџмент во Скопје. Притоа, Општина Карпош дополнително ќе ги утврди условите односно критериумите под кои ќе ги додели овие стипендии.

 

Според овој меморандум, двете договорени страни ќе развиваат заедничка соработка во насока на партнерство при  аплицирање на проекти и ќе организираат настани од заеднички интерес. Исто така, тие ќе работат на подобрување на капацитетите на вработените во општината, преку реализација на обуки, работилници и семинари, кои би се одржале на Универзитетот за туризам и менаџмент во Скопје.