Во рамки на третата седница на Советот која се одржа денеска во просториите на Кинотеката на РСМ,  беа разгледувани 33 предлог – точки кои се најдоа на дневниот ред пред советниците од Карпош. Во таа насока беше усвоен Заклучокот за информацијата која ја обезбеди општинската администрација, која што се однесува на изработка на техничка спецификација со цел, комисиите и седниците на Советот преку стриминг сервис да се емитуваат во живо.

 

Логично, пред крајот на календарската година кога се креира годишниот Буџет на општина Карпош, советниците ги разгледаа и усвоија предлог – програмите на Одделенијата и Секторите од локалната самоуправа. Со оглед на тоа што општинскиот Буџет за 2022 година ќе изнесува 485.263.000 денари, така беа моделирани и годишните програми според кои се предвидени низа активности од областа на образованието, културата, спортот, детската, социјалната и здравствената заштита.

 

Со истата динамика беа усвоени и годишните програми за 2022 година за активностите на општина Карпош од областа на екологијата и енергетската ефикасност, урбанистичкото планирање и развој на општината, уредување на градежното земјиште, како и програмата за изградба, редовно,  инвестиционо и зимско одржување на сервисни, станбени улици и локални патишта на територијата на локалната самоуправа.

 

Советниците дадоа „зелено светло“ и за предлог – програмите за активностите на општина Карпош од областа на информатичката технологија, за месната самоуправа, за заштита и спасување на граѓаните и материјалните добра, како и за програмите на одделението за односи со јавноста и еднаквите можности меѓу жените и мажите.

 

На седницата беше усвоена предлог – одлуката за донесување на техничка исправка за  градежна парцела 4.6.7 од ДУП за населбата Влае 1, дел Б (Одлука бр. 07-1080/1 од 19.07.2002 година). Исто така, беше усвоена одлуката за утврдување надоместок на членовите на Општинската изборна комисија – Карпош и избирачките одбори на подрачјето на локалната самоуправа, за извршената работа при подготовката и спроведување на Локалните избори во 2021 година. Советниците гласаа и за одлуката со која се одобруваат финансиски средства, предвидени за изборот на заслужен граѓанин на општина Карпош.