ЗАПОЧНА ИМУНИЗАЦИЈАТА ЗА ВОСПИТНИОТ КАДАР ОД КАРПОШ
- април 10, 2021
- 0
Утринава, во вакциналниот пункт С.Ц. „Борис Трајковски“ започна имунизацијата за воспитниот кадар од детските градинки во Карпош. Станува збор за воспитувачки и негувателки кои во ек на пандемијата вршеа зрижувачка дејност и придонесуваа да нема застој во предучилишното образование на најмладите.
Во општина Карпош фунцкионираат четири градинки со вкупно 13 објекти. Сите установи работат согласно протоколите за заштита од КОВИД – 19, со што и бројот на деца кои се згрижуваат е намален.
Оливера Димовска Иљовска, Елизабета Златеска и Ценче Башоска се негувателките кои утринава се вакцинираа со Sputnik V. Тие објаснија дека целиот процес е безболен и постои големо расположение меѓу кадарот од Карпош за вакцинација.
Согласни се дека со процесот на имунизација ќе се овозможи полека но сигурно, воспитно – едукативниот процес за најмладите да се стабилизира, затоа што сега постои голем притисок врз градинките, од фактот што не можат да бидат згрижени сите деца.
Директорката на градинката „Орце Николов“, Надица Гировска е сигурна дека вакцината е единственото оружје против овој вирус. Иако, управителите на градинките не се во првата фаза за вакцинација, тие ги мотивираат своите вработени, колеги, да се вакцинираат и со тоа да се направи чекор напред.
– Веќе втора година функционираме во навистина поинакви услови. Постои страв, загриженост, но ние мора да ја вршиме згрижувачката дејност. Со вакцинацијата на воспитувачите, негователите се надевам дека постепено ќе можеме да примаме и поголем број на деца. Предучилишното образование е важна алка во развојот на детото. Ова не е установа каде што детето само престојува додека родителите се на работа. Тука децата се социјализираат, стекнуваат нови знаења, навики и вештини. Ни недостасува претходната спокојнос, која можеме да ја вратиме само со вакцинација, вели Гировска.