УЧЕНИЦИ ОД КАРПОШ ВО НОВ ЕКО – ПРЕДИЗВИК
- март 9, 2021
- 0
Учениците од основното училиште „Јан Амос Коменски“, од Општина Карпош ќе бидат дел од еко – проект, кој овозможува зголемување на зелениот фонд во општината, преку забрзување на растот на растенијата.
Имено, тие ќе ја истражуваат бојата на светлината која најмногу го поттикнува растот на растенијата. Станува збор за проект за кој училиштето доби грант од 110.000 денари од Фондот за иновации и технолошки развој (ФИТР).
Под менторство на наставниците Александра Блажевска и Дијана Ханџиска, учениците ќе применуваат метод на учење преку истражување, со што тие ќе се постават во позиција на искуствено учење кое според научниците дава најдобри резултати во создавањето на трајни знаења.
Паралелно, учениците ќе стекнуваат знаења и за другите појави и процеси, како температурата, влажноста, видот на почвата, тревата и сл.
Со овој тип на активности, и во услови на пандемија и комбинирана настава во училиштата, дополнително ќе се развива критичкото учење и тимската работа меѓу најмладите и наставниот кадар.
Општина Карпош продолжува со поддршка на сите активности кои имаат за цел заштита на животната средина. Вклучувањето на најмладите во овие проекти придонесува за создавање на трајни навики, за правилен однос кон природата, управување со отпадот, зачувување на зелените површини и сл.