Во 2020 година се случија многу измени, многу работи излегоа од колосек како резултат на светската пандемија со КОВИД – 19. Успеа ли Општина Карпош да го задржи вистинскиот курс и едноставно да успее да ги реализира сите проекти кои ги беше зацртала?

 

  • Дефинитивно би рекол дека 2020 година е година на коронавирусот, за жал, како за целиот свет така и за нас и помина во знакот на тоа. Секако дека делумно одредени проекти ги забави или ги пролонгираше пандемијата, но Општината мораше да биде фокусирана и на решавање на последиците од коронавирусот. Во оваа борба со вирусот, ние неколку пати направивме дезинфекција на улиците, на влезовите на станбени згради и другите јавните површини. Редовно ги дезинфицираме училиштата и градинките. На крајот на краиштата, моравме да ги поставиме и сите оние работи кои беа нужни и потребни, за да може без проблем да се одвива онлајн наставата или наставата со физичко присуство од прво до трето одделение. И моравме да преземеме активности за почеток на градинките со работа. Кај училиштата, тоа значеше набавување на ИТ опрема. Сепак, Општината реализираше бројни проекти. Во спротивно, би го почнале интервјуто со набројување на проекти, да не е КОВИД пандемијата, но реализиравме важни проекти. Би го издвоил новиот спортско – рекреативен комплекс, кој се направи во дворот на училиштето „Лазо Трповски“ на 11.000 м2, со нови спортски содржини, многу зеленило и системи за наводнување на истото.

Потоа, би продолжил со она што значи комплетирање на проектот за Спортско – адреналинскиот парк, којшто  комплетно се заврши и граѓаните ќе може да уживаат и да се рекреираат веќе на пролет. Во продолжение на Спортско – адреналинскиот парк заедно со Град Скопје се расчисти онаа децениска депонија, која што беше таму. Се израмни теренот и не очекува раззеленување на тој простор, во 2021 година. Во реализирани проекти би ја издвоил и комплетната реконструкција на градинката „Мајски цвет“ во Тафталиџе 1. Таа била изградена непосредно по земјотресот и останата руинирана со децении. Со што, се овозможува 140 дечиња да добијат подобри услови за згрижување.

 

 

Многу реализирани проекти во 2020 година, доаѓаме до 2021 година. Колку Буџетот на Општина Карпош ќе биде компатибилен за да можете програмата да ја преточите во проекти?

 

  • Се согласувам целосно. Ќе биде деликатна ситуација. Како Општина, ние не сме имуни на последиците од коронавирусот. Јас оваа година (во 2021) инсистирам да почне реконструкцијата на „Партизан“. Добив гаранции и од Агенцијата за млади и спорт дека во нивната програма влегува оваа реконструкција. Секако, тука продолжуваме и со Градот Скопје, комплетно да го раззелениме делот каде што е предвиден големиот парк, кај бунарите на река Лепенец, за да може тој дел да се хуманизира и да добие една комплетна целина заедно со Спортско – адреналинскиот парк. И донесовме развојна програма за реконструкција и санација на плочникот во Порта Влае. Она што е добро е што искористивме средства од Светска банка, со проекти кои ги имавме подготвено и на тој начин комплетно ќе се реконструираат улиците: „Париска“, „Иван Аговски“, „Мирка Гинова“, „Гиго Михајловски“ и „Шекспирова“. Ова се оние кои ги издвојувам од Светска банка, а тековно и општината ќе си одржува и други сообраќајници, како што тоа и редовно го правиме.

 

И 2020 и 2021 се изборни. Претпоставувам дека особено идната година ќе има мал застој при работење во предизборниот процес и во самиот процес. Го предвидовте ли тоа како Општина и ќе успеете ли да ја забрзате динамика на реализација особено во сферата на инфраструктурата?

 

  • Ако се вратиме назад во 2020, никој не ја предвиде пандемијата дури и на светско ниво, но се прилагодивме сите. Од друга страна, изборите се предвидливи и се знае кога ќе бидат. Така да, сите наши активности ќе ги темпираме согласно законските обврски кои ги имаме за предзиборието, во очи на локалните избори. Тоа се законски обврски кои мора да ги почитуваме.

Годината е изборна на локално ниво, е важна, поради самиот факт што е изборна, но не би рекол дека е најважна. Сметам дека е поважна континуираната работа, којашто верувам дека ние ја покажавме како општински тим во изминатите 3 години. Така да, и оваа последна година граѓаните ќе можат да видат повторно чесно работење, повторно ќе можат да видат посветено работење, бескомпромисна битка со урбаната мафија, заштита на јавниот интерес… И секако, приоритет ставање на заштита на зеленилото и заштита на животната средина, како што беше и во изминатите три години.

 

На самиот крај ви благодарам на разговорот. Ви посакувам успешна Нова 2021 година и сето ова што го кажавте и да го реализирате.

 

  • Благодарам и на вас. И посакувам и вие и граѓаните да се чуваат и пред се да си го заштитат здравјето.