„НОВ ПОЧЕТОК“ ВО КАРПОШ – МАСКИТЕ НЕ МОЖАТ ДА ГО СПРЕЧАТ ЗНАЕЊЕТО И ДРУГАРСТВОТО
- септември 27, 2020
- 0
Во ,пресрет на почетокот на новата учебна година Општина Карпош, од утре, 28.09.2020 година ќе започне со кратка информативна кампања на социјалните мрежи . Станува збор за неколку разговори со лица кои се директно вклучени во воспитно – образовниот процес: ученик, наставник и родител.
Тие ќе споделуваат свои размислувања и ставови за начинот на кој треба да почне учебната година, проблемите со кои биле соочени изминатиов период и сл.
Кампањата е насловена како „Нов почеток“, а истата ја најави градоначалникот на Општина Карпош, Стефан Богоев на својата официјална Facebook страница:
- На први октомври, дел од вас ќе се вратат во училишните клупи, на работните места.Детската насмевка и авторитетот на наставникот, овој пат ќе бидат покриени со маска, но така ќе бидеме заштитени и безбедни. За сите оваа учебна година е ново искуство. Затоа повикувам на одговорност, почитување на заштитните мерки и многу трпение.
Знам дека сите не умори оваа пандемија, но само со придржување до протоколите ќе успееме да го вратиме безгрижното секојдневие.
Маските ни го покриваат лицето, но никој не може да ја покрие нашата желба за нови знаења, другарства и убави моменти, напиша Богоев во својата објава.
Локалната самоуправа изминатиов период интензивно се подготвува за први октомври. Направена е целосна дезинфекција, дезинсекција и дератизација на училиштата. Во сите десет образовни установи се поставија упатства и мерки за учениците, наставниот кадар и родителите. Голем дел од училиштата адаптираа и нови училници, со цел поголема безбедност за сите.
Општина Карпош набави и ИТ опрема за наставниците, кои овие денови се обучуваат за работа на Националната онлајн платформа. Сите сме одговорни за безбеден почеток на учебната година.