Карпош 1 ќе добие нов маалски центар. Претстои целосно уредување на зеленилото на улицата „Иван Аговски“ во Карпош 1, меѓу зградите со број 8 и 10. На овој потег, предвидено е да се посади нова трева на површина од 1.300 м2, украсни растенија, како и да се постави систем за наводнување.

 

Со цел да се создадат услови и за рекреација на најмладите од околните згради, ќе се направи и ново детско игралиште.

 

Денеска, градоначалникот Стефан Богоев беше на увид на теренот кадешто ќе се гради новиот малски центар, а се очекува изведбените активности да започнат на почетокот на следната недела.

 

Карпош 1 е една од населбите која е позната по маалскиот соживот и дружба. Токму  во таа насока, минатата година, локалната самоуправа го ресетираше и Меморијалниот турнир во мал фудбал „СОКОЛ“, кој е спортски белег на оваа населба.

 

Со уредувањето на зеленилото меѓу зградите се добиваат нови јавни површини за рекреација на карпошани, се создаваат населби кои одговараат на потребите на сите граѓани.