ЗАСИЛЕНИ РАБОТИ НА НОВИОТ ПАРК ВО КАРПОШ 4
- март 9, 2020
- 0
Продолжуваат интензивните активности за расчистување и рамнење на теренот за изведба на големиот парк во Карпош, спроти населбата Карпош 4, во должина на булевар „Илинден“.
Веќе неколку денови, механизацијата работи на терен и го расчистува градежниот шут и кабаст отпад којшто со децении се одложувал на оваа јавна површина.
Во активностите за чистење на теренот учествува Градот Скопје и Општина Карпош. Локалната самоуправа учествува со 8 милиони денари буџетски средства, кои се наменети за подготвителните активности: обезбедување на механизација за чистење и рамнење на теренот.
Новиот парк ќе се простира на 60.000 м2 и ќе се надоврзе на Спортско – адреналинскиот дел, на којшто веќе интензивно се работи (кај Алпинистичката карпа).
Предвидено е во паркот да доминира зеленилото, со посебен систем за наводнување, но, ќе има и ботаничка градина и рекреативни содржини.
Во планирањето на јавниот простор вклучена е и стручната јавност, со тоа што Градот објави конкурс за избор на идејно решение за изгледот на паркот. Конкурсот трае до 16 – ти март, по што Комисијата ќе ги оценува пристигнатите решенија.
По својата големина и уреденост, овој потег ќе биде меѓу поатрактивните зелени зони во нашиот град. Локалната самоуправа продолжува со заштита на јавниот простор и надоместување на изгубеното зеленило.