НОВО ДЕТСКО ИГРАЛИШТЕ ЗА ГРАЃАНИТЕ ОД ТАФТАЛИЏЕ 2 И НЕРЕЗИ
- февруари 28, 2020
- 0
Тафталиџе 2 и Нерези добија ново детско игралиште, во близина на слаткарницата „Рафаело“, долж бул. „Партизански одреди“.
Овој јавен простор целосно се уреди со реквизити за деца, клупи за седење и корпи за отпадоци. Претходно, Општината организираше и анкета, со цел да се утврди интересот на граѓаните за создавање на детска зона во овој дел од населбата.
Повеќе од 80 отсто од засегнатите жители дадоа „зелено светло“ и денеска се одржа маалска дружба, каде што повозрасните заедно со своите внуци имаа можност да се рекреираат.
Градоначалникот Стефан Богоев најави и други детски игралишта, кои локалната самоуправа ќе ги прави во претстојниот период.
- Следува изведба на детски игралишта и во Карпош 3, во Козле на ул. „Јуриј Гагарин“, Злокуќани, а во финална фаза е и инклузивното игралиште во Карпош 2, на ул. „Веселин Маслеша“, кое го правиме заедно со Градот Скопје.
Оваа година Карпош ќе добие уште четири нови детски игралишта, но ќе продолжиме и со одржување на сите останати, замена на дел од подлогите, санација на реквизитите и сл.
Покажуваме дека јавниот простор може да се користи и за рекреативни цели, за маалски соживот и дружба, рече Богоев.
Една од примарните цели на локалната самоуправа е хуманизација на јавниот простор. Со овие нови, детско – рекреативни зони се добива нов простор за најмладите, во урбаното јадро, на места кои се карактеризираат со повеќе објекти за домување и локали. Маалата, населбите треба да ги задоволуваат потребите на што е можно повеќе граѓани. Хуманизацијата на јавниот простор е во насока на овозможување на содржини, детски катчиња, спортски и рекреативни зони за сите карпошани.
Општина Карпош ги повикува сите граѓани на правилно користење на урбаната опрема, клупите, корпите за отпадоци, реквизитите наменети за деца.
Овие проекти се прават со пари од Буџетот на Општина Карпош – пари на граѓаните, со што одговорноста за векот на траење на овие игралишта е кај сите нас.