„КОМЕНСКИ“: ПЕТ ДЕЦЕНИИ ОБРАЗОВЕН ПОДЕМ
- март 25, 2016
- 0
Денеска, со пригодна манифестација, пред присутните родители, наставници, претставници од локалната самоуправа и од збратимените училишта, ООУ ,, Јан Амос Коменски’’ ја одбележа 52 годишнината од своето постоење.
Директорката на училиштето Емилија Арсовска во својот пригоден говор, истакна дека ова училиште веќе 52 години, образува кадри, кои потоа се истакнати и успешни граѓани и дејци во разни сфери на живеењето. Таа напомена дека ова училиште е прво во Општина Карпош, во кое е отворен ,, Креативниот центар Карпош’’, како лабoраториски центар во кој талентираните ученици можат да се надоградуваат и да ги развиваат своите вештини. По тој повод, патрониот празник на училиштето кое го носи името на чешкиот педагог Јан Амос Коменски, беше прославен со програма, насловена како ,,Наука и едукација – за секоја идна генерација’’ подготвена од учениците. По тој повод беше емитуван краток документарен филм, во кој беше прикажан историјатот на училиштето и беа претставени екперименти од основците.
-„Јан Амос Коменски“ по целосната изградба и реконструкција на спортската сала, со право го носи епитетот на најмодерно, најсовремено и технички опремено училиште во Општината, со гордост истакна Арсовска.
Учениците од ова престижно училиште, за својот патронат изведоа и претстава во која ги нагласија предностите од ,,еколошката ефикасност’’, со примери за рационално користење на енергијата во секојдневието на едно семејство.
На крајот од програмата, учениците од ,, Јан Амос Коменски’’ презентираа практична изведба на научни експерименти, кои ги подготвија во научната лабораторија во рамки на ,, Креативниот Центар Карпош’’.