Денеска, Секретарот на општина Карпош, Бојан Милошевски даде изјава за медиумите по повод завршување на рокот за поднесување на Барањето за постапување со бесправно изградени објекти од локално значење. Во продолжение, ја објавуваме изјавата во целост:

 

Согласно новите измени од Законот за изменување и дополнување на Законот на постапување на бесправно изградени објекти, почнувајќи од 21-ви декември па заклучно со 31.03.2016 година, во Општина Карпош, граѓаните имаат поднесено вкупно 1710 барања за постапување со бесправно изградени објекти, од локално значење кои што објекти се изградени пред стапување на Законот во сила, односно 03.03.2011 година. Можам да кажам дека нашите служби коишто работат во архивата на Општина Карпош, вчера работеа со продолжено работно време, до доцните вечерни часови, односно до 12 часот по полноќ, бидејќи Законот кажува дека барањата се поднесуваат, односно се примаат заклучно со 01.03.2016 година.

 

Исто така со измените од Законот за постапување со бесправно изградени објекти 2014 година, имаше поднесено околу 700 барања, посебно за тераси и тераси пренаменети во станбен простор.  Покрај напоменативе, има поднесено барања и за индивидуални објекти, деловни објекти, магацински простори, односно за сите оние објекти кои се од локално значење кои што Законот за постапување за бесправно изградени објекти ги препознава како такви, во сопственост на имателите кои живеат на територија на Општина Карпош.

 

Нашите службеници кои работат во архивата, имаат поставено норма издадена од наша страна, односно од високото раководство, да изработуваат минимум 20 урбанистички согласности во текот на денот. Тоа значи, дека целокупната документација која е прибавена од страна на барателите и доставена до Општина Карпош, за истата може да се изготви урбанистичка согласност,  па откако ќе се плати надоместокот за легализација за истото се издава и решение за бесправно изграден објект. Од самиот старт на Законот кој почна да се применува уште во 2011 година, ние како Општина по претходно извршена  инвентаризација на територија на Општина Карпош, го зголемивме бројот на вработени референти и правници коишто работат на овие предмети.

 

Слободно можам да кажам дека, од 9.960 пристигнати барања за постапување со бесправно изградени објекти, односно со новите дополнителни 1.170 барања, доколку работиме со овој интензитет и капацитет  со човечки ресурси кој што го поседуваме,  ќе ги реализираме собраните предмети во догледно време. Воедно, сакам да ги охрабрам и граѓаните на Општина Карпош што поскоро да изготват елаборати, бидејќи сите предмети кои се пристигнати ги имаме отворено и за сите имаме изготвено заклучоци за прекин на постапката доколку недостасува некој потребен документ  или елаборат, да ги решат имотно-правните односи и да ги достават до Општина Карпош сите потребни документи за да ги решиме нивните предмети благовремено и во нивна полза.