КАРПОШ ГО ОДБЕЛЕЖА СВЕТСКИОТ ДЕН НА СПОРТОТ
- април 6, 2016
- 0
Во вистинска културно-спортска атмосфера, учениците од ООУ „Братство“, пратија порака за здрав и спортски живот по повод одбележувањето на Светскиот ден на спортот за развој и мир.
Во организација на Македонскиот Олимписки Комитет и во соработка со Одделението за спорт и култура при Општина Карпош, овој ден, веќе втора година се одбележува како исклучително важен датум, со цел преку спортот и спортските активности да се придонесе за поголемо културно разбирање и да се унапреди образовниот, културниот, здравствениот, економскиот и социјален развој на децата. Интенцијата,меѓудругото е и да не запре дружењето и да се продлабочат пријателските односи како и изучување на потребите од водење здрав живот.
Овој ден се негува на глобално ниво, во повеќе држави, преку системот на Обединети нации, односно Канцеларијата на спортот за развој и мир при ООН. На спортската манифестација присуствуваше градоначалникот на Општина Карпош. Стевчо Јакимовски, претседателот на Советот на Општина Карпош Сашо Лазаровски, д-р Васил Топурковски, претседател на МОК, генералниот секретар на МОК, Сашо Поповски и спортскиот директор, Владо Богоевски.
Во рамките на одбележувањето на светскиот ден на спортот, освен демонастрација на боречките, џудо и карате вештините, како и пријателските натпревари во кошарка и фудбал, свој придонес во делот на културната програма дадоа и играорците од МКУД „Цветан Димов“ кои изведоа познато македонско оро.
Инаку, Обединетите Нации во 2013 година, го прогласија 6-ти април за Интернационалениот ден на спортот за развој и мир кој натаму ќе се одбележува секоја година. Со овој датум се одбележуваат и првите модерни олиписки игри во Атина кои се возобновиле во 1896 година.