ТРОЈНА КРУНА ЗА ФУДБАЛЕРИТЕ ОД „АВРАМ ПИСЕВСКИ“
- април 21, 2016
- 0
Денеска, на спортското игралиште во СГУГС „Георги Димитров“ се одиграа петте завршни меча од последното 20-то коло, од фудбалската училишна лига на општина Карпош.
По претходно изедначеното бодовно салдо на врвот од табелата, основците од „Аврам Писевски“ со 46 бодови го освоија првото место и воедно се промовираа во нови шампиони за училишна 2015/2016 година.
Второто место им припадна на учениците од „Вера Циривири Трена“, со ист број на бодови, но со послаба гол разлика и негативен резултат во меѓусебните дуели со првопласираниот. Фудбалерите од „Братство“ ја обезбедија бронзата, со конечни 37 бодови на табелата.
Оваа година ќе биде запаметена по спортската доминација на бардовчани, кои ја потврдија својата одлична форма на фудбалските терени. Тие, неодамна го освоија Државното првенство во футсал, како и Купот и училишната фудбалска лига на општина Карпош.
На денешната спортска манифестација присуствуваше и претседателот на Советот на општина Карпош, Сашо Лазаровски, кој во оваа пригода им ги врачи дипломите, медалите и победничките пехари на фудбалерите од трите најдобро пласирани екипи.
Сепак, тројцата најдобри фудбалери во рамки на овогодинешната лига произлегоа од ООУ „Вера Циривири Трена“. За најдобар голман беше прогласен Кирил Петрески, најдобар играч – Мелов Николај, а епитетот најдобар стрелец, кој немилосрдно ги полнеше противничките мрежички, заслужено го доби Марко Геговски.
Воша Арби од ООУ „Братство“, е најталентираниот играч во фудбалската училишна лига за 2015/2016 година. Општина Карпош, за најдобрата фудбалска четворка обезбеди осум месечна спортска стипендија, еднократна парична надокнада и наградно патување во Тиват.