Минатиот месец (декември), основци од Општина Карпош работеа на надополнување на базата на податоци за локалната самоуправа, на глобалната онлајн енциклопедија – Википедија на македонски јазик. По тој повод, денеска во просториите на општината Карпош се одржа средба меѓу претставниците на локалната самоуправа и група од младите Википедијанци кои работеа на овој проект.

 

Оваа активност е резултат на соработката меѓу Здружението за умножување на слободни содржини „ГЛАМ Македонија“ од Скопје и Општина Карпош.

 

За оваа работилница беа одбрани седуммина активни членови на првиот Вики Клуб во Македонија, кои доаѓаат од три училишта што се наоѓаат на територија на Општина Карпош: „Аврам Писевски“, „Јан Амос Коменски“ и „Вера Циривири Трена“. Во рамките на овој образовен процес, младите Википедијанци ги ажурираа содржините за историјатот на општината, економијата, културните и природните знаменитости, редовни настани, начинот на нивно комуницирање со јавноста, за администрацијат, како и за спортот и културата. За својот придонес, учениците добија благодарница од Вики Клубот и доколку продолжат со истата динамична работа, младите ентузијасти ќе освојат седумдневна екскурзија.

 

Здружението за умножување на слободни содржини ГЛАМ Македонија од Скопје се појавува како соработник во воспоставување на првиот Вики Клуб во Македонија, заедно со Музејот на македонската борба. Основна дејност на Вики Клубот е обука на ученици и возрасни за уредување на Википедија. Вики Клубот во моментов брои 59 членови, кои создале 84 нови статии и подобриле или прошириле 227 постоечки статии на Википедија на македонски јазик. Инаку, Во Вики Клубот засега членуваат ученици од територијата на град Скопје, кои доаѓаат од најмалку пет различни училишта.