Во  во рамките на проектот „BioVill” (био-село), кој е дел од Програмата на Европската Унија за истражување и иновации „Хоризон 2020″, денеска во тренинг центарот на ЗЕЛС се одржа работилница на тема ,,Финансирање на биоенергетски проекти, искуства од Австрија и Германија и можности во Република Македонија”.

Овој меѓународен проект го имплементираат  Општина Карпош  со својот партнер, Интернационалниот центар за одржлива енергија (SDEWES) и проф. Наташа Марковска,  од МАНУ како единствени партиципиенти од Република Македонија.

 
Целта на тренингот беше, детално и практично да се разработат прашањата околу финансирањето на биоенергетски проекти кои вклучуваат употреба на биомаса, биогас  и биогориво  Во центарот на дискусијата се говореше и за предностите кои ги нудат овие обновливи извори на енергија, како и за мерките  и можностите во Македонија за примена и користење на отпадната биомаса и создавање на системи за грење  кои ќе опфаќаат повеке објекти квартови или биоенергетски села. Општина Кичево е избрана за целна заедница,  каде ќе се спроведува проектот „BioVill”.
 
Работната средба со воведно обраќање ја отвори проф. Наташа Марковска од Интернационален центар за одржлива енергија  (SDEWES). Преку своето експертско излагање, раководителот на одделението за енергетска ефикасност од Општина Карпош, Љупчо Димов, говореше за локалните модели за финансирање на проекти поврзани со обновливи извори на енергија и енергетска ефикасност.
 
Особен интерес кај присутните предизвикаа презентациите на австрискиот експерт Ралф Рогенбауер, кој укажа на најдобрите практики кои се применуваат при финансирање на биоенергетско село во Австрија, како и обраќањето на германската експертка  по енергетика Мартина Риел, која говореше за финансиските модели, ризици и можности кои ги нудат биоенергетските села. Во таа насока, Илија Саздовски од Германскиот институт за меѓународна соработка (GIZ), ги образложи финансиските модели за обнова на јавни згради, а Васил Божикалиев од SDEWES одржа стандардна презентација за моменталната имплементација на концептот на биоенергетско село.
 
Инаку, BioVill е тригодишен проект, кој е поддржан од Програмата на Европската Унија за истражување на иновации „Хоризон 2020″. Проектот започна во март 2016 година и се имплементира преку соработка помеѓу девет партнери од седум земји, (Македонија, Романија, Словенија, Србија и Хрватска), со пренесување на постојните искуства од Австрија, Германија и други европски земји на партнерите од Југоисточна Европа. Потенцијалот на овој проект лежи кај големиот број земји од Југоисточна Европа кои располагаат со високи количини на биомаса, но најчесто, тие не се доволно искористени за локално снабдување со енергија и регионален економски развој.
Биоенергетско село (BioVill), е населба, село, општина или заедница, која ги задоволува своите потреби за енергија (електрична и топлинска), преку локална биомаса, како и преку други обновливи извори на енергија. Самиот концепт вклучува мерки за енергетска ефикасност и заштеда на енергија.  Конкретно, Општина Кичево има високи потенцијали на биомаса, како што се шумската биомаса, остатоците од сточарството, тврдиот отпад и остатоците од обработката на дрво.