Општина Карпош во соработка со еколошката  организација „Нула отпад“ во просториите на Факултетот за туризам и менаџмент, денеска го одбележаа Светскиот ден на животната средина  5-ти  јуни. На свеченоста присуствуваше и градоначалникот на Општина Карпош Стевчо Јакимовски кој истакна дека  соработката со „Нула отпад“, е од исклучително значење за екологијата во Општина Карпош.

Во рамки на  априлската еко- акција се  собираше  непотребниот  електронски и електричен отпад кој граѓаните на Карпош го имаат, и освен оваа намена, акцијата беше со едукативен карактер, особено за најмладите жители на локалната самоуправа.

 

–          Пред се сум задоволен од соработката на урбаните заедници во Карпош со нашите граѓани, бидејќи на тој начин успеавме да го собереме опасниот електронски отпад, кој на граѓаните им бил надвор од употреба. Од друга страна ги вклучивме и  основните училишта кои се наоѓаат на територијата на Општина Карпопш  во собирање на електричен отпад, и морам да нагласам дека основците максимално сериозно си ја сфатија работата-  нагласи Јакимовски.

 

Првонаградено  училиште во оваа акција е ООУ ,, Братство“ кое собра над еден тон отпад, потоа втората награда отиде кај ООУ ,, Лазо Трповски“ , додека ООУ ,, Димо Хаџи Димов“ е третото најуспешно училиште во собирање на електричниот и електронскиот отпад. Телевизор, принтер и  фрижидер се наградите кои најдобрите училишта си ги поделија, како училишта кои собраа повеќе од половина од вкупниот отпад,  собран од сите десет основни училишта. Трите училишта заедно собраа над 2.2 тони отпад, од 4 тони вкупно собран отпад.

 

Од организацијата ,, Нула отпад“ ја нагласија одличната досегашна соработка со Општина Карпош во собирање на непотребен отпад, и ја истакнаа одличната организациска поставеност на урбаните заедници во оваа пролетна акција.