„ Спортот е најубавата работа, што може да му се случи на еден човек во животот. Затоа спортувајте, бидејќи преку спортот ќе се изградите во вистински личности, ќе се научите на одговорно и  дисциплинирано однесување,  а ќе го зацврстите и вашиот карактер“.

Со овие зборови, градоначалникот на Општина Карпош Стевчо Јакимовски, во С. Ц „ Форца“ свечено ги прогласи за отворени  училишните спортски игри. Во присуство на голем број наставници, спортски работници, како и ученици од сите основни училишта кои се наоѓаат на територијата на локалната самоуправа, Јакимовски нагласи дека и оваа година ќе има возбудливи натпревари во фудбал, кошарка, ракомет и одбојка, тенис и шах.

 

–         И оваа година ќе одиме на патување во спортскиот камп „ Скурас“ во соседна Грција. Годинава тој спортски летен одмор ќе трае десет дена. Ве охрабрувам, и момчињата и девојчињата активно да се занимавате со спорт, во било која спортска дисциплина,  се со цел, токму некој од вас, еден ден да прерасне во наш спортски репрезентативец, кој ќе ги брани боите на Македонија, на големите спортски наптреварувања, потенцираше првиот човек на локалната самоуправа Стевчо Јакимовски.  

 

Раководителот на одделението за култура и спорт при Општина Карпош, Патрик Поповски истакна дека деветта година по ред, Општината ги организира овие спортски игри, и дека истите придонесуваат за поттикнување на спортскиот дух, како и за надоградување на талентот кај основците. Како што нагласи Поповски, Општина Карпош  и градоначалникот Јакимовски, вложува во најдобрите карпошови спортисти, и истите ги мотивира и понатаму да продолжат професионално да се занимаваат со спорот. Најдобрите добиваат спортски стипендии и наградни  патувања во текот на летото, во соседните држави.