ЛАЖНИ ДОЈАВИ И ПРИТИСОК ВРЗ ГРАДОНАЧАЛНИКОТ НА КАРПОШ
- октомври 17, 2017
- 0
По повод денешниот инцидент во Општина Карпош, околу упадот на алфи и полиција во Општината, како и разните дезинформации кои се шират околу настанот, градоначалникот Стевчо Јакимовски ја даде следната изјава:
-Најнапред, жал ми е што Општина Карпош деновиве е во центарот на вниманието. Вклучувајќи го и денешниот ден, некој на моиве колеги им дојавил дека примопредавањето на должноста треба да биде денеска во 13.00 часот. Од тие причини моите колеги почнале неселективно да пакуваат работи кои се наоѓаат во мојот кабинет, вклучувајќи пехари, дипломи, благодарници итн. Пакувањето тврдам било апсолутно неселективно затоа што јас таму имам мои лични предмети, благодарници на лично име. Нормално е дека треба да се одвои она што е на Општината од она што е на мое лично име, како што се документи, фотографии, кои претставуваат лични предмети, лични подароци, затоа што овде сум бил осум ипол години.
Ние денес можевме на само место да ја видиме ефикасноста на македонската полиција под водство на режимот на Зоран Заев и можевме да се увериме како во изминативе два дена не можат да ги најдат и сеуште не направиле информативен разговор со оние кои што сакаа да не нападнат со нож вечерта на денот на изборите, затоа пак, денеска ефикасно дојдоа вклучувајќи Алфи и забранија влез во Општината.
Потоа дојдоа инспекторите од стопански криминал и да констатираат дека ние раздвојуваме што е тоа лично, што е тоа општинско и ништо повеќе од тоа. Луѓето само се насмевнаа и си заминаа. Ова е уште еден голем блам за Социјалдемократскиот сојуз и за нивното непознавање за функционирањето на локалната самоуправа.
Сите документи, сето она што е важно за локалната самоуправа се наоѓа во архивата, а згора на тоа Општина Карпош има електронска архива и ништо такво не може да се наоѓа кај градоначалникот на Општина Карпош или кај било кој друг градоначалник, во било која друга општина.
Во исто време сакам да им кажам дека непотребните работи што ни се, ќе бидат фрлени во тие контејнери тука, така што можат слободно да пребаруваат, да бараат тоа што за нив ќе биде интересно.