Во рамки на „Еко – самитот 2017″ кој се одржа минатиот петок во хотелот „Порта” во скопски Аеродром, организацијата „ОХО” која е поддржана од Швајцарската амбасада во Скопје, по втор пат го избра, а министерката за образование Рената Дескоска, свечено и го додели интернационалното признание „Зелено знаме” на ООУ „Јан Амос Коменски”. Со добивање на престижната еколошката награда, оваа образовна институција е единствениот претставник од општина Карпош која се стекна со епитетот „Еко училиште”. Во Република Македонија, „Зелено знаме” добија 37 основни и три средни училишта.
Со оглед на тоа што „Зеленото знаме” е највисока награда од проектот „Еко-пакет”, јасно покажува дека училиштето во изминатиот период посветено работело во делот на еколошката едукација од типот на спроведување кампањи, акции и проекти во кои учествувале сите наставници, родители, ученици и претставници од работни организации. Во насока на позитивната пракса, во ООУ „Јан Амос Коменски” се наоѓа и т.н „лабораторија за екологија” која функционира во рамки на Креативниот центар-Карпош.
Инаку, еко-училиштето има потпишано Меморандум за соработка со општина Карпош, со кој се регулираат меѓусебните односи, со цел подобрување на состојбата на животната средина во локалната заедница. Екологистите од „Коменски” веќе неколку години по ред преземаат низа активности, преку одржување на едукативни презентации, чистење на училишниот објект и дворот, собирање на стара хартија и пластична ПЕТ амбалажа и можеби најважно од сé, развија цврста соработка со неколку невладини еколошки организации.
Основците изработија и Еко-кодекс со акцент на рециклирањето, со чија имплементација се заштедува енергија и се редуцира загадувањето на животната средина. Програмата „Интеграција на еколошката едукација во македонскиот образовен систем” се спроведува задолжително во сите основни и средни училишта и градинки и во сите приватни училишта и ученички домови ширум државава.