Општина Карпош ќе биде првата локална самоуправа која ќе го примени концептот за еко-населби на неколку локации во Злокуќани и  во Бардовци. Овие мали еко-заедници, во кои се предвидува да живеат околу 9.600 жители, ќе користат обновливи извори на енергија, за разлика од досегашниот традиционален начин на затоплување кој функционира во државава.

 

 Во таа насока, денеска, во хотелот „Турист“ – Скопје,  во организација на Општина Карпош и Македонската секција на Меѓународниот центар за одржлив развој на енергетски, водни и околински системи (SDEWES),  се одржа втората техничка обука во рамки на проектот – CoolHeating. Инаку, овој проект носи официјален наслов, „Продор на пазарот на мали модуларни системи за централно греење и ладење базирани на обновливи извори на енергија“ и има за цел да овозможи пренос на искуства и знаења од областа на проектирање и планирање на мали системи за централно греење и ладење, кои ќе  користат обновливи извори на енергија.

 

Проектот треба да финишира кон крајот на 2018 година, а во меѓувреме ќе се развиваат стручните елаборати, студиите и техничките проекти, за реализација на овој комплексен систем. Еколошките населби ќе користат греење и ладење од т.н термални пумпи, кои работат на принципот „вода-вода“ и „земја-вода“, како и соларни колектори за топла вода.

 

На денешната обука беа опфатени три главни области: планирање на систем за производство на топлинска енергија, планирање на дистрибутивна мрежа и финансирање на проектите. Претставникот на данската фирма Plan Energi, Јакоб Ворм, говореше за предноста при користење на топлински пумпи и соларни термални колектори, како и за примена на ефикасна алатка за техничка и економска анализа на проектот за централно греење. Веднаш потоа, претставникот на реномираната германска компанија Rehau, Кристијан Мразек, на присутните им образложи подетално, на кој начин се поставува ефикасна мрежа за централно греење и производство на одржлива енергија.

 

Љубомир Илков од ICS Group, ја презентираше студијата на случајот за комплексот „Соравија“, која користи комбинирани системи за греење и ладење со термални пумпи и соларни колектори. Илија Саздовски, од германското федерално претпријатие за меѓународна соработка (GIZ), дискутираше на тема, национални механизми и модели на финансирање за поддршка на обновливи извори на енергија и енергетска ефикасност.

 

Активностите од проектот CoolHeating се имплементираат во неколку целни заедници: Општина Карпош (Македонија), општините Високо (БиХ), Љутомер (Словенија), Шабац (Србија) и градот Озаљ од Хрватска. Земји – партнери на овој проект се Австрија, Германија и Данска, каде што веќе се применува концептот на обновливо централно греење и ладење.