Овој викенд, во Општина Карпош, се спроведува хуманитарната акција Подај рака, донирај за твојот сосед”. Всушност, пред поголемите маркети во Општината се поставени штандови на кои граѓаните може да донираат дел од купените производи за социјално најзагрозените граѓани кои живеат на територија на Карпош.

Акцијата се спроведува од 09:00 до 13:00 часот, пред маркетите:

 

–          Гранап (Карпош 3);

–          Тинекс (Карпош 2 кај Драмски, Карпош 3, Карпош 4 и Злокуќани);

–          Кам маркет (Влае 1 и Влае 2, Тафталиџе и Козле);

–          Стокомак (Карпош 2 кај Драмски и Карпош 4);

–          Веро (кај Педагошка).

 

Својата донација денеска ја даде и градоначалникот на Општина Карпош, Стефан Богоев, заедно со дел од советниците од Советот.

Богоев донираше повеќе прехранбени продукти, на штадот пред Веро маркет.

Во оваа прилика, тој ги повика сите карпошани масовно да се приклучат на акцијата и да донираат за своите сограѓани, со цел достоинствено да ги поминат Велигденските празници.

 

–          Нашата хуманост и солидарност треба да ја покажуваме секојдневно. Овие акции не го решаваат проблемот на траен начин, но овозможуваат барем за момент повеќе граѓани да се чувствуваат посреќно и поспокојно, особено во празничните периоди на годината. Тоа што е примарна цел на Општината е раздвижување на економијата на локално ниво, преку повеќе инвестиции во периферните и рурални делови на Карпош, со што, би се овозможило и вработување на граѓаните кои се соочени со невработеност и сиромаштија, рече Богоев.

 

Оваа хуманитарна акција ќе продолжи и во текот на утрешниот ден. Потоа, сите производи ќе се складираат и рамномерно ќе бидат доделени на граѓаните на кои им е најмногу потребно.