ЗАСЛУЖУВАМЕ ПОДОБРА ИДНИНА И ПРОСПЕРИТЕТ
- јули 24, 2018
- 0
„Младинските перспективи за интеграцијата на Македонија во ЕУ“ е насловот на панел дискусија која денеска се одржа во Музејот на современа уметност, во Скопје, по повод официјалната посета на државниот министер за Европа во германското МНР, Михаел Рот.
Еден од говорниците на панел дискусијата беше и градоначалникот на Општина Карпош, Стефан Богоев, кој говореше за влијанието на евроинтеграциските процеси врз подобрување на стандардот на младите на локално ниво.
– Младите сакаат перспективи и можности. Затоа, секој од нас треба да преземе одговорност, дали е за иднина или за ќорсокак, рече Богоев.
Градоначалникот презентираше и дел од политиките кои треба да го подобрат животот на младите на локално ниво: „Гаранцијата за млади“ е проект кој успешно се иплементираше во ЕУ, а денеска оваа младинска политика е реалност и во Македонија. Политика која ќе овозможи вработување, доедукација или пракса за младите и на локално ниво.
Беа акцентирани и другите можности кои се отвораат за младите. Вмрежувањето и мобилноста ќе бидат придобивка за сите, особено за најмладите кои ќе имаат шанса да стекнат нови вештини и искуства од своите врсници од поразвиените земји.
Државниот министер за Европа, Михаел Рот истакна дека евроатлантските интеграции ќе овозможат намалување на одливот на млади мозоци, а оваа позитивна клима и раздвиженост во Македонија придонесе 10 нови компании од ЕУ да донесат одлука да инвестираат во Република Македонија.
На дискусијата свое обраќање имаше и министерот за надворешни работи Никола Димитров, кој напомена дека Македонија мора да го “фати последниот воз”, да се препознае моментот, затоа што ова е последна шанса за нашата генерација.
На дебатата организирана од страна на фондацијата Friedrich Ebert Stiftung и CIVIL Македонија се обратија и претставници од граѓанскиот сектор, младинските организации, новинари, професори и активисти.