Во дворот на црквата Св.Троица, во Бардовци, вчеравечер се затвори 39 – то издание на Меѓународниот студентски фолклорен фестивал.

Овој фестивал е во организација на Ансамблот за народни песни и ора при АКУД Мирче Ацев”, а еден од главните покровители е  и Општина Карпош.

На последниот ден од оваа култура манифестација присуствуваше и градоначалникот на Општина Карпош, Стефан Богоев кој ги поздрави учесниците и упати честитки за вложениот труд:

 

–                    Секое од играорните друштва се истакна на посебен начин и успеа да ја доближи културата и фолклорот на својата држава до граѓаните на Општина Карпош и Град Скопје.

Меѓународниот студентски фолклорен фестивал се одржа во периодот додека траеше и Карпошовото културно лето, со што дополнително се збогати културната програма во нашата Општина, рече Богоев.

 

Во своето обраќање пред присутните Богоев ја нагласи потребата од зголемена афирмација на домашните изведувачи и македонскиот фолклор.

 

Имено, овој фестивал се организира како резултат на солидарноста што голем број  од градовите ја покажале кон Скопје, по катастрофалниот земјотрес во 1963 година, а оваа година учествуваа голем број на домашни друштва, како и играорци од Србија, Хрватска, Турција и Кипар.

 

На вчерашниот настан присуствуваа голем број на граѓани од Бардовци, како и амбасадорот на Кралството Холандија во Република Македонија, Воутер Пломп, претседателот на Совет на Општина Карпош, Андреј Манолев и дел од членовите на Совет.