БОГОЕВ ВО ПОСЕТА НА ПУНКТОТ ЗА БЕЗДОМНИ ЛИЦА ВО МОМИН ПОТОК
- септември 28, 2018
- 0
Социјалната заштита е една од областите за која Општина Карпош води особена грижа. Денеска, градоначалникот на Општина Карпош, Стефан Богоев беше во посета на Пунктот за бездомни лица во Момин Поток, при што донираше и поголем број на прехранбени продукти од името на сите карпошани. Богоев непосредно се запозна со работата на овој шелтер центар, начините на кои се згрижуваат бездомните лица, просториите во кои преспиваат, како и здравствената заштита што ја добиваат.
Првиот човек на Општината, разговараше со одговорното лице од Црвениот крст за начинот на кој локалната самоуправа дополнително може да помогне. Донацијата на храна и облека е нешто што Општина Карпош постојано го прави. Во изминатиот период се инвестираше и во обнова на осветлувањето на овој потег, а во тек е и изведба на нова водоводна мрежа.
Што се однесува до социјалната компонента, се разгледуваа начините за дополнителна поддршка на центарот преку воведување на уште еден работен ден, каде што бездомниците ќе можат да добијат топол оброк. За мерките кои Општина Карпош ги нуди на социјално – загрозените категории на граѓани, говореше и Гордана Зафировска, помошник раководителката на Секторот за јавни дејности и Билјана Костова, член на Советот на Општина Карпош.
Станува збор за еднократна парична помош која Општината ја дава, во соодветно пропишана постапка, како и тековните хуманитарни акции кои се организираат на територија на Карпош. Општина Карпош и во претстојниот период ќе продолжи да биде поддршка на овој Пункт, сé со цел, да се создадат подобри услови во кои ќе престојуваат бездомните лица.