Продолжија информативните средби на градоначалникот на Општина Карпош, Стефан Богоев со пензионерските клубови на територија на Општината. Денеска, Богоев се сретна со повозрасните наши сограѓани од Карпош 1  и Карпош 2.

Присутните се информираа за проектот Мој Карпош – Моја Картичка, но со градоначалникот поразговараа и за други актуелни прашања и проблеми.

 

–                    Со картичкагта Мој Карпош успеавме да направиме мост на соработка меѓу граѓаните, локалната самоуправа и бизнис секторот. Ве повикувам да се регистрирате и да добиете картичка за голем број на попусти и бенефиции во угостителски објекти, здравствени ординации, културни и спортски објекти, рече Богоев.

 

Во пријатна и топла атмосфера, пензионерите искрено разговараа со градоначалникот и на тема за заштита на животната средина.

 

„Бев кај син ми во Австралија. Изразив желба да го наводнам зеленилото во дворот, но веднаш ме опоменаа. Затоа што таму има систем и се знае во точно утврден ден и време кога се наводнуваат зелените површини, но и граѓаните каде и кога го фрлаат отпадот“, искрено говореше сограѓанката.

 

Секој носи одговорност за здрава и чиста животна средина. За да имаме правилен и хуман развој на населбите, треба секој да води сметка. Градоначалникот Богоев напомена дека Општината ќе ги интензивира и инспекциските контроли на терен, за да се спречи свесното уништување на урбаната опрема и фрлање на отпадот на јавните површини.

 

При крајот на средбата се  разговараше и за проектот за „Хумани патроли“, кој е во процес на подготовка и консултација со засегнати страни, со којшто ќе се овозможи нега и заштита за дел од социјално загрозените граѓани и изнемоштени лица.